Работилница - Традиционален македонски вез

Во ПОУ Мршевци денеска беше отворен прозорец кон минатото, полн со почит кон корените на нашата култура и богатата ризница на народната уметност. Под наслов Македонскиот традиционален вез, се одржа работилница која не беше само учење, туку и патување низ времето и мудроста на нашите предци. Оваа иницијатива е дел од проектот Меѓуетничка интеграција во образованието (МИО) и Соработка со родители, преку која се обединија младите, родителите и постарите членови на семејствата во заедничка мисија - зачувување и вреднување на културното наследство.
Учениците од четврто и петто одделение имаа можност да ја почувствуваат магијата на традиционалниот вез. На работилницата присуствуваа и родители, како и неколку повозрасни членови на семејствата кои со своите вешти раце им ги открија тајните на плетењето и рачната изработка. Тие со љубов им раскажуваа приказни од нивното минато, како го учеле секој бод и секој конец, како се изработувале предметите со рацете, со надеж и радост што ја пренесуваат таа уметност на новите генерации. Специјален момент беше роденденот на баба Виданка, кој учениците со радост го одбележаа со честитки и убави желби.
Поканетите гости беа почестени со традиционални македонски гурабии и македонско кафе, а учениците во духот на традицијата, цртаа и боеја мотиви на везови и носии, и го украсија хамерот кој беше полн со симболи на македонското богатство. Со свој придонец учество зедоа и учениците од деветто одделение од училиштето Коцо Рацин во Петровец, Огњанци, кои гордо ја претставија уметноста на албанскиот вез и рачните изработки.
Со помош на наставниците Назми Малоку и Мерита Имери, учениците прикажаа везење на платно, плетење со волница и хеклање, откривајќи ја убавината на секој бод, на секој коноп од конец, на секој дел од изработката. Тие покажаа дека вистинското богатство на традицијата се крие во вештите раце на нашите предци, во секоја песна што се испеала, во секоја приказна што се прераскажала, и во секоја рачна изработка што останала како сведок на времето.
Вдахнати од македонската традиција, учениците на крајот заиграа македонско оро, сплотени во ритамот и душата на својот народ. Со срца полни со љубов и почит кон корените, си заминаа со ново сознание за себе и за она што ги прави уникатни - дел од едно вековно наследство, што сјае преку нив, во секој нивен чекор и секој нов почеток.

Галерија