Одделенскиот наставник Елена Карагунова со своите ученици од второ одделение зема учество во конкурсот „Перото на македонските автори за деца во нашата училница“ во организација на ЗОН Учител, со прекрасни активности посветени на поезијата на македонскиот писател Васил Куноски. Оваа иницијатива претставува вистински пример за тоа како љубовта кон поезијата и пишаниот збор може да се развива уште од најрана возраст, преку игра, учење и креативни методи.
Учениците работеа на песните од стихозбирката „Зајче безопавче“, каде низ интерактивни техники и тимска работа, ја истражуваа магијата на стиховите и го запознаа животот и делото на овој значаен автор.
Цели на активностите беа:
Поттикнување љубов кон македонската литература за деца.
Вреднување на делата на македонските писатели и зачувување на нивното културно наследство.
Развивање вештини за тимска работа, читање и интерпретација.
Активности:
Учениците препознаваа песни од компилации, танцуваа и ги анализираа стиховите на креативен начин.
Со техниките „Стих по стих – песна“ и „Галерија,“ истражуваа и ги поврзуваа стиховите со соодветни слики.
Завршија со интерактивен Wordwall квиз, кој дополнително ја зголеми нивната љубопитност и радост за учење.
Овој проект е вистинска инспирација за тоа како преку креативни и динамични активности можеме да ги запознаеме нашите ученици со убавините на македонското творештво!